23.11.2023 Скопје
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека лидерите на ЕУ треба да ја третираат Босна и Херцеговина еднакво со Украина кога станува збор за пристапните преговори во блокот и не треба да го фаворизираат Киев пред Балканот кога одлучуваат за отворање на пристапните преговори.
Шаленберг го предупреди Брисел дека не треба да гледа на Балканот „со лупа“, а Киев да го набљудува „низ розови очила“, затоа што таквиот став на ЕУ ќе претставува „геополитичка катастрофа“.
„Не можете да ставите одредена група во брзата лента, а останатите во бавната лента“, рече Шаленберг.
Тој нагласи дека е клучно и БиХ и Украина да се „закотват во орбитата на ЕУ“ за да се борат против „руското влијание“.
Според него, подеднакво важно е зајакнувањето на стабилноста во Источна и Југоисточна Европа.
„Нашиот геостратешки сеизмограф оди во двете насоки“, рече Шаленберг.
На прашањето дали Австрија размислува да стави вето на пристапните преговори со Украина доколку Босна и Херцеговина не добие зелено светло за разговори, Шаленберг истакна дека дискусиите „веќе одат во вистинската насока“.
„Сепак, не треба да создаваме проблем во регионот што чека 20 години и да му дадеме уште една пречка да го прескокне. Како што рече /албанскиот премиер/ Еди Рама, ако правилно го цитирам: „Дали треба да почнеме војна на Балканот за да ви го привлече вниманието?’ Ќе има многу остра дебата и сакаме сигналите да бидат еднакви во двете насоки, од геостратешки причини“, посочи Шаленберг.
Шаленберг рече дека ЕУ „не треба да дозволи Русија и Кина да го изградат своето влијание во регионот“, вклучително и преку инфраструктурни проекти, кои треба да бидат финансирани од Брисел.
„Мораме да испратиме сигнал до трети страни дека овие земји се наши, дел од нашето семејство“, нагласи Шаленберг.
Зборувајќи за застојот на пристапните преговори со Србија, Шаленберг рече дека „ништо не мрда за народот на Србија“ и дека првпат се случило анкетите да покажат дека мнозинството од населението во Србија повеќе не ја поддржува ЕУ.
„Тоа треба да биде аларм за нас. Ги губиме“, предупреди Шаленберг.
Шаленберг, кој е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, смета дека на Унијата и е потребен поинаков пристап во однос на претходните проширувања во 2004, 2007 и 2013 година.
Тој додаде дека Украина, во случај да го задржи стариот пристап, веројатно никогаш нема да биде дел од ЕУ.
Лидерите на ЕУ на самитот во средината на декември ќе одлучат дали формално ќе го одобрат почетокот на пристапните преговори со Украина и Молдавија.
Европската комисија претходно овој месец предложи почеток на преговори со Украина и Молдавија, додека на БиХ и беше кажано дека ќе ги започне преговорите „само кога ќе се постигне одреден степен на исполнување на критериумите за членство“.
Подготвено од А.Ѓ.