30.11.2023 Скопје
Европската комисија ја осуди блокадата на украинската граница поттикната од полски камионџии и земјоделци, заканувајќи се со правна постапка против владата во Варшава.
„Вистина е дека ја сметам ситуацијата на границата на Полска со Украина за апсолутно неприфатлива. Иако го поддржувам правото на луѓето да протестираат, целата ЕУ, а да не ја спомнуваме Украина, земја во моментот во војна, не може да биде заложник со блокирање на нашите надворешни граници“, рече европската комесарка за транспорт Адина Валеан.
Полските демонстранти бараат повторно воведување на предвоените правила за украинските камионџии, кои се ослободени од барањето да имаат транспортни дозволи. Промената беше воведена минатата година како дел од мерките за солидарност на ЕУ кои имаат за цел да и помогнат на нацијата разурната од војна да ги одржи националната економија и трговските односи.
Демонстрантите, исто така, бараат празните камиони кои се враќаат во ЕУ од Украина да бидат изземени од електронскиот систем за чекање во ред, воспоставен од Киев и мерките за спречување на белоруските и руските превозници да ги избегнат меѓународните санкции.
Двајца украински возачи кои чекале да ја поминат границата загинале во своите возила.
Од 6 ноември полските камионџии и земјоделци го блокираа транзитот низ различни гранични премини долж полско-украинската граница. Во понеделникот 24-часовните ограничувања беа продолжени на четвртиот премин, во Меџика, што дополнително ја влоши кризата.
Подготвено од А.Ѓ.