14.11.2023 Скопје
Членките на Европската унија (ЕУ) минатата година увезле вкупно 18.000 тони индустриски ретки метали, што е зголемување за девет отсто во однос на 2021 година.
Истовремено извезле 7.000 тони што е за осум отсто помалку во однос на претходната година, покажуваат податоците на „Евростат“.
Вредноста на увозот достигна 146 милиони евра, што е скок од 37 отсто во однос на 2021 година, додека вредноста на извозот (иако квантитативно помал) од 142 милиони евра забележа раст од два отсто.
Ретки метали, група од 17 специјални метали кои имаат големо економско значење се користат во високотехнолошки производи.
Според податоците на „Евростат“, просечната увозна цена изнесува 7,9 евра за килограм, што е зголемување за 26 отсто во однос на 2021 година, додека извозната е 20,7 евра за килограм ретки метали (скок од 11 отсто).
Земјите од ЕУ увезуваат најмногу ретки метали од Кина, со 40 отсто од вкупниот увоз, потоа Малезија (31 отсто), Русија (25 отсто од увозот) и Америка и Јапонија (по два отсто од увозот).
Подготвено од А.Ѓ.