https://www.facebook.com/abaerbock/photos/pcb.3396662953946519/3396662450613236/

03.11.2023 Скопје

Децата кои се родени во 2003 година, во годината на познатото „ветување од Солун“, кога на сите земји од Западен Балкан им беше ветено полноправно членство, во меѓувреме веќе пораснаа и ги прашуваат своите родители што конечно се случи со тоа проширување.

„Дали уште една генерација за 20 години треба да праша што стана со ветувањето?“. Со таа забелешка, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во четвртокот (2 ноември) ја отвори министерската конференција на тема зајакнување на структурите за проширување на Европската унија.

Конференцијата во Берлин наречена „Поголема, посилна унија“ собра дваесет министри за надворешни работи на Европската унија и земјите кандидати, а нејзината цел беше да даде нови импулси на идејата за зајакнување на структурите на ЕУ со цел подобро да се подготви за нови проширувања.

„Не се работи само за промена на фасадата на ЕУ, туку и за зајакнување на нејзината структура за да може да се справи со новите проширувања“, рече Баербок.

На самитот во Гранада, Советот на Европската унија се согласи дека процесот на зајакнување на структурите на ЕУ треба да се води паралелно со процесот на проширување.

Конференцијата во Берлин требаше да даде нови импулси во процесот кој, како што рече Баербок, сите знаат дека е неопходен, но никој не знае како треба да изгледа.

„Веќе не е прашање дали ќе, туку како ќе ја зајакнеме ЕУ“, им порача германската министерка на насобраните колеги.

Во исто време, Баербок презентираше неколку идеи за тоа како треба да изгледаат тие промени за да се создадат реални шанси за проширување и тоа пред „да порасне една нова генерација“.

Пред сè, институциите: со новото проширување не би се зголемиле, бидејќи, како што рече Баербок, на сите им е јасно дека и сега се премногу гломазни. Германија едно од решенијата го гледа во поделбата на одредени ресори во рамките на комисијата на две земји.

За земјите кандидати, Германија предвидува форми на зближување со Европската унија пред полноправно членство.

„Зошто, на пример, да не ги поканиме земјите кои затворија одредени поглавја во преговорите да учествуваат на соодветните конференции на Советот на ЕУ. Тие би биле присутни при одлучувањето за иднината на Унијата, наместо да ги канат на самитите за проширување само еднаш годишно“, предлага Баербок.

Исплатата на средствата од ЕУ треба да биде тесно поврзана со исполнувањето на стандардите на владеењето на правото.

„Мораме побрзо да реагираме во случај земјата-кандидат постојано да ги прекршува нашите заеднички вредности“, рече Баербок.

Меѓу промените што ЕУ треба да ги спроведе се оние во гласачките процеси, каде што има многу огради од страна на помалите земји членки кои стравуваат дека во случај на гласање во кое се применува т.н. квалификуваните мнозинства би можеле да останат лишени.

„Една од идеите за смирување на скептиците кои се плашат дека нивните основни интереси ќе бидат отфрлени е да се воведе некаков жолт картон кога има потреба да се најде компромис. Би имало и црвен картон, но само за вонредни случаи и теми“, рече Баербок.

Импулсите и дискусиите треба да продолжат за време на белгиското претседателство со Европската унија во првата половина на следната година.

А, што мислат за сето ова земјите кандидати, чии претставници исто така беа поканети во Берлин? Претставничката на Србија, министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ вели дека сите земји кандидати се согласуваат дека нема алтернатива за полноправно членство. Но, во исто време таа заклучи дека процесот на постепена интеграција, пред се, економска, е поволно решение.

„Брзата интеграција во политиките кои се клучни за пазарот на ЕУ, како на пример: транспортот, енергијата, заштитата на животната средина, но и дигиталната политика, е најдобар начин да ја докажеме нашата подготвеност да учествуваме во нив уште пред членството. Многу поважно, а тоа секако ќе биде од корист за граѓаните, е што забрзаниот транспорт значи брз проток на стоки и услуги, вклучување во енергетската политика, што значи стабилност и безбедност во снабдувањето со енергија. Она што сега го чекаме е комуникацијата на Европската комисија за планот за развој, за да можеме да ги спроведеме овие добри идеи“, изјави Мишчевиќ на маргините на конференцијата.

Нејзиниот колега од Република Северна Македонија, Бујар Османи, кој учествуваше на еден од главните панели на конференцијата, рече дека земјите-членки мора да се збогуваат со сегашниот „бинарен принцип“, односно прашањето „членство или не“ и да дадат време до полноправно членство исполнето со нови форми на пристап.

„Проблемот е формалната концентрација на членството. За нас е поважна интеграцијата, односно исполнувањето на условите и постепената интеграција, односно пристапот до пазарот и структурните фондови“, рече Османи.

Заедно со него во Берлин дојдоа и претставниците на земјите од Западен Балкан, министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, како и министрите на Црна Гора, Филип Ивановиќ и на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Министерката за надворешни работи на Словенија и поранешна комесарка на Европскиот парламент за Западен Балкан, Тања Фајон, рече дека сегашниот моментум треба да се искористи за натамошниот процес на проширување, но укажа и на „загрижувачкиот пад“ на поддршката за членство во Европската Унија во земјите од регионот.

Пред неа Баербок оцени и дека проширувањето кон земјите од Западен Балкан, но и кон Украина и Молдавија поради агресивната политика на рускиот претседател Владимир Путин, е „геостратешки и геополитички важно“ за Европската унија, но таа посочи и на фрустрацијата и резигнацијата што се шири во земјите од Западен Балкан поради долгиот процес на зближување.

„Тоа е фрустрација што другите знаат да ја искористат“, рече Баербок, мислејќи на Москва.

Хрватскиот претставник на конференцијата, министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман рече дека Хрватска верува дека проширувањето и процесот на зајакнување на структурите можат да се одвиваат паралелно. Но, во исто време, на маргините на конференцијата, тој заклучи дека актуелните договори на ЕУ го овозможуваат и процесот на проширување, за што „Хрватска е целосно посветена“. Познато е дека Хрватска не спаѓа во групата членки кои ја поддржуваат германско-француската иницијатива за структурни реформи.

Во секој случај, во четвртокот во Берлин не се зборуваше многу за можните датуми на проширување. Но, 2030 година, годината што претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел неодамна ја наведе како година кога Европската унија би можела да стане подготвена за проширување, се совпаѓа со прогнозата на Аналена Баербок дека структурните реформи би можеле да бидат завршени во следниот петгодишен изборен период за Европскиот парламент што ќе го започне по изборите следната година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *