10.11.2023 Скопје
Американскиот технолошки гигант Apple би можел да биде принуден да плати 13 милијарди евра на Ирска, за кои Европската комисија тврди дека компанијата ги должи врз основа на неплатени даноци како дел од нејзините операции во ЕУ.
Најнеобично во целата приказна е фактот што Владата на Ирска, на која треба да и се плати данокот, одбива да го земе бидејќи се плаши дека со зголемувањето на корпоративната даночна стапка, која, патем, е меѓу најниска во цела ЕУ би го загрозила статусот на земја која привлекува голем број мултинационални компании. Токму ниската даночна основа го мотивираше Apple, како и бројни други најголеми светски компании, да го преселат своето европско седиште во Ирска.
Пред седум години, Европската комисија иницираше случај пред Европскиот суд на правдата (тоа не е Европскиот суд за човекови права во Стразбур), кој пред неколку години пресуди дека Apple не треба да го плаќа овој данок. Последниот пресврт во оваа приказна е дека правниот советник на Судот, Џовани Питручела, утврдил дека оваа пресуда треба да се укине. Иако, Судот не е должен да го следи мислењето на советникот, вообичаена практика е мислењето да биде прифатено, што сега отвора можност пресудата во корист на Apple да биде укината.
Европската комисија побара од Apple да и плаќа даноци на Ирска бидејќи верува дека на овој начин Ирска ги прави другите земји-членки на ЕУ помалку конкурентни, а со тоа го загрозува единствениот европски пазар. За евиденција, единствениот европски пазар е најважниот елемент на ЕУ, бидејќи овозможува слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Меѓутоа, за да функционира, важно е во секоја земја да постојат еднакви услови кои овозможуваат фер пазарна конкуренција.
Според неговото мислење, Питручела тврди дека се направени голем број правни грешки и дека пресудата во корист на Apple не успеала правилно да ја процени суштината и последиците од одредени методолошки грешки кои, според одлуката на Комисијата, ги прекршиле даночните решенија.
Како одговор на последниот пресврт, портпаролот на Apple рече дека пресудата на Судот дека компанијата не мора да плаќа даноци јасно покажува дека Apple не добил селективна предност или државна помош и дека пресудата треба да се потврди, а не да се оспорува.
Оваа афера стана симбол на напорите на Комисијата да се бори против она што го сметаше за масовно избегнување данок од страна на мултинационалните гиганти.
Подготвено од А.Ѓ.