13.11.2023 Скопје
По враќањето од вонредниот заеднички исламско-арапски самит во Ријад, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција останува клучен актер во решавањето на регионалните кризи, вклучително и палестинско-израелскиот конфликт, бидејќи презема конкретни дипломатски напори.
Според Ердоган, самитот, фокусиран на палестинско-израелскиот конфликт, бил кулминација на постојаните напори на Турција за трајно решение на конфликтот и итен прекин на огнот.
„Палестина, која се бори за гола егзистенција, соочена со децениска окупација и притисок, минува низ неискажливо угнетување веќе 36 дена. Невините цивили во Газа ги губат своите животи преку неселективно тешко бомбардирање и се принудени да ги напуштат своите домови“, истакна турскиот претседател.
Тој оцени дека Израел врши воени злосторства пред очите на светот, насочени кон болници, училишта и места за богослужба, како и дека западните земји „го гледаат ова дивјаштво“.
Ердоган рече дека луѓето со совест не можат да молчат и дека од почетокот на конфликтот на 7 октомври Турција е ангажирана во дипломатија и преговори за да се овозможи хуманитарен прекин на огнот и испорака на околу 230 тони хуманитарна помош во Газа.
Турскиот претседател порача дека меѓународната заедница треба да преземе конкретни мерки за спречување на масакри.
„Но, уште еднаш гледаме дека Советот за безбедност на Обединетите нации не функционира“, рече тој и ја поздрави одлуката на 121 земја да гласаат за прекин на огнот и безусловна испорака на хуманитарна помош на седницата на Генералното собрание на ОН на 27 октомври.
Ердоган рече дека исламскиот свет треба да биде обединет за трајно решение на палестинското прашање, при што Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) ќе има голема одговорност.
Тој додаде дека формирањето на независна, суверена палестинска држава со источен Ерусалим како главен град е клучно за траен мир во регионот.
Претседателот на Турција потсети дека финалниот документ „го осудува омразата, екстремистичките и расистичките акти и изјави на министрите во израелската влада, вклучително и заканата на еден од министрите да употреби нуклеарно оружје против палестинскиот народ во Појасот Газа, што претставува сериозна закана за глобалниот мир и безбедност“.
Прашањето за денуклеаризација е многу значајно во однос на откривањето на актерите кои го поддржуваат Израел, изјави Ердоган.
„Сега е од големо значење што и ОИК и Арапската лига се здружија и го направија овој чекор, бидејќи ова е првпат во историјата на двете организации да се одржи таков состанок“, додаде тој.
На прашањето за патната карта на Турција за решавање на конфликтот, Ердоган рече дека се работи на различни аспекти, како на пример да се убедат 40-те земји кои се воздржаа од гласањето за сегашниот прекин на огнот во Генералното собрание на ОН да гласаат позитивно.
„Планираме да ги концентрираме нашите дипломатски напори на ова прашање. На пример, Унгарија е меѓу земјите што се воздржаа од гласање. Ќе се обидеме да ги убедиме“, рече тој, истакнувајќи дека ќе биде повеќе ангажиран во телефонската дипломатија по самитот во сабота и дека ќе биде домаќин на иранскиот претседател Ебрахим Раиси на 28 ноември.
На прашањето дали се работи за верска војна „полумесечина и крст“, Ердоган рече дека тоа не е така и дека конфликтот во Газа е „војна на доброто и злото, на лагата и вистината, на угнетувачите и на угнетените“.
„Верувам дека на крајот ќе победи доброто, луѓето кои се на страната на вистината, угнетените и нивните бранители, со други зборови, Палестинците“, рече тој.
Тој го критикуваше отсуството на јасна позиција на ЕУ за израелско-палестинскиот конфликт.
„ЕУ го гледа Хамас како терористичка група, исто како и Израел. Ние не го гледаме Хамас како таков и никогаш нема. Хамас е политичка партија. Тие (ЕУ) сакаат да ја признаеме како терористичка група. Не, тие се луѓе кои се борат за својата земја“, рече Ердоган.
Подготвено од А.Ѓ.