23.11.2023 Скопје
Markit Economics објави денеска дека според прелиминарната проценка, економскиот пад во еврозоната е намален, наведувајќи дека Композитниот индекс на менаџери за набавка (PMI) во еврозоната порасна на 47,1 поен во ноември од 46,5 поени во октомври.
PMI е параметар кој се користи како показател за економската активност, а резултатот под 50 укажува дека економијата е во состојба на контракција, односно пад на економската активност.
Еврозоната го забележа шестиот месец по ред на контракција.
Како што е наведено на веб-страницата на глобалната компанија S&P, PMI во услужниот сектор се зголеми на 48,2 поени во ноември од 47,8 поени во октомври, како и PMI во преработувачката индустрија – на 43,8 поени во однос на 43,1 поени во октомври.
Падот на деловната активност во еврозоната е пред се предизвикан од намалувањето на бројот на нови нарачки, а за прв пат по три години е забележан и благ пад на вработеноста.
„Економијата на еврозоната е заглавена во калта. Производствениот и услужниот сектор се во пад веќе четири до пет месеци, а бројките покажуваат дека БДП на еврозоната може да падне два квартали по ред, што претставува техничка рецесија“, истакна главниот економист на Хамбуршката комерцијална банка, Сајрус де ла Рубија.
Смета дека во наредниот период е можно зголемување на невработеноста, а како позитивен момент го посочува побавниот пад на новите нарачки.
Подготвено од А.Ѓ.