29.11.2023 Скопје
Претставниците на Европската комисија посочија дека Црна Гора е охрабрена со 413 милиони евра од Планот за раст на Западен Балкан да ја зголеми стапката на економски раст и да го забрза процесот на пристапување во ЕУ на краток рок, преку комбинација на реформи и инвестиции, соопшти Владата во Подгорица.
Членовите на делегацијата на црногорската Влада, која престојува во Брисел, истакнаа дека се силно посветени заедно со Европската комисија, преку инструментот на Планот за раст, да работат на планирање и следење на спроведувањето на реформите што ќе придонесат на економскиот и севкупниот развој на општеството.
Европската комисија предложи дополнителен инвестициски пакет од шест милијарди евра за Западен Балкан преку обезбедување на две милијарди грантови и четири милијарди во форма на поволни заеми.
„На овој начин ЕУ сака да го поттикне економскиот раст, да ја намали значајната разлика во животниот стандард меѓу Западен Балкан и ЕУ и да го охрабри регионот да спроведе поинтензивни реформи во процесот на европска интеграција“, информира Европската комисија.
Подготвено од А.Ѓ.