01.11.2023 Скопје
Египетскиот премиер Мустафа Мадбули ги отфрли плановите за преселување на раселените Палестинци од Појасот Газа на египетскиот Синајски Полуостров.
За време на посетата на Синај, тој порача дека ниту еден регионален конфликт не треба да се решава на сметка на Египет.
Претходно, планот го отфрли и портпаролот на палестинскиот претседател Набил Абу Рудене, кој рече дека палестинските власти се против преселба на кое било место.
„Сметаме дека е црвена линија која нема да дозволиме да се помине“, рече тој и додаде дека масовното преселување ќе биде еднакво на „објавување нова војна“.
Бомбардирано складиште за хуманитарна помош во Газа: Припаѓа на палестинската Црвена полумесечина и е тешко оштетен.
Израелското Министерство за разузнавање даде воен предлог за преселување на 2,3 милиони жители на Појасот Газа на египетскиот полуостров Синај, но канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли планот, нарекувајќи го „хипотетичка вежба“ и додаде дека тоа е само концепт за хартија.
Со затворени сите израелски премини кон Газа, цивилите потенцијално можат да го напуштат Појасот Газа само преку граничниот премин Рафа, контролиран од Египет.
Подготвено од А.Ѓ.