02.11.2023 Скопје
Дарко Каевски, пратеник и портпарол на политичката партија СДСМ, изјави дека градоначалниците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во над 40 општини ги немаат остварено изборните ветувања.
„Напротив, она што го ветуваа пред граѓаните кога им ја бараа довербата не го реализираа. Нема проекти, нема развој, нема резултати. Една голема НУЛА! Дополнително во општините под капа на ДПМНЕ граѓаните плаќаат поголеми сметки“, истакна Каевски.
Според Каевски, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги има изневерено граѓаните и ја нема оправдано довербата којашто ја има добиено на локалните избори, затоа што партијата е две години во локална власт, а има нула резултати.
„Речиси и да нема градоначалник од оваа партија којшто не ги има зголемено цените за данок на имот и до 300%, за ѓубретарина, вода, комунални услуги. Скопје е пример како Мицкоски и ДПМНЕ она што го ветуваа пред граѓаните не го испорачаа. Едно зборуваа кога бараа гласови од скопјани а денеска друго, со еден збор донесоа хаос“, потенцира Каевски.
Во Скопје, како што изјави Каевски, нема бесплатен градски превоз, кое беше клучното ветување и истото не е остварено. Воедно, тој истакна дека нема и нови 250 еколошки автобуси, нема модерен ниту еколошки транспорт.
„Наместо модерно Скопје, добивме хаос, нечистотија и смет“, потенцира Каевски, истакнувајќи дека истото се случува и во Кисела Вода и Гази Баба, каде што се уште не се исполнети ветените проекти од програмата.
„Две години локална власт на ДПМНЕ донесоа нов долг за граѓаните за 5 милиони евра. Ништо од ветената програма не е остварено. Ги нема 4 те нови градинки, нема 4 нови спортски центри , нема нови улици, нема нови 2 клучки на бул. А. Македонски. Има нечистотија, ѓубре и диви депонии.Сите овие факти ја покажуваат поразителната неспособност на градоначалниците од ДПМНЕ“, заклучи Каевски.
Подготвено од М.Д.