01.11.2023 Скопје
Од денес, Бугарија почнува со наплата за рускиот природен гас кој „Гаспром“ преку „Булгаргас“ ќе го дистрибуира во Република Северна Македонија, Србија и Унгарија.
Со оваа одлука електричната енергија и парното греење ќе станат поскапи, ако во меѓувреме не се најде друго решение.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Владата не се откажува од барањата за ослободување на капацитетите за гас, а воедно инсистира таксата да не важи затоа што е неправедно наметната и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на ЕУ, потенцирајќи дека не ја исклучува можноста за обраќање до меѓународните судови.
„Тоа значи дека ваквата такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и на затоплувањето кај нас за 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Република Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски, и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моменот се водат разговори и на ниво на Европската унија и со Бугарија, со соодветното министерство, за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ‘Гаспром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, посочи премиерот.
Портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија, Тим Мекфи, истакна дека ставот на Европската комисија е дека Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија.
Таксата која што ја наметна Бугарија изнесува 10 евра за мегават час.
Подготвено од М.Д.