16.11.2023 Скопје
Од Независниот синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал тврдат дека директорите во Клинички центар и во градските општи болници деновиве вршат невиден мобинг во здравствените установи што ги раководат, врз здравствените работници, врз администрацијата и сестрите.
„Мобингот го вршат преку закани, преместување од едно на друго работно место. Освен тоа што вработените имаат картички за куцање за работно време, приморани се и да се потпишуваат во тетратки за тоа кога дошле на своето работно место и кога си заминале дома“, истакнуваат од Независниот синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал.
Оттаму потенцираат дека директорите, раководителите и главните сестри се изживуваат врз работниците и го враќаат здравството 20 години наназад, истакнувајќи дека како независен синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал, кој е во состав на КСОМ, стојат на располагање на сите вработени во здравството охрабрувајќи ги да пријават секаков вид мобинг на работното место, затоа што КСОМ има тим од 58 адвокати кои ќе ги застапуваат бесплатно.
„Дали се враќаме во робовладетелско општество?“, прашуваат од Независниот синдикат.
Во меѓувреме, вработените од Заводот за физикална медицина и рехабилитација во 10 часот утринава одржаа штрајк во дворот на здравствената установа, поради тоа што се уште немаат добиено плата.
Додека пак, Независниот синдикат на здравствени работници за утре најави протест. Нивните барања се зголемување на платите за 30 проценти, нов колективен договор, бенифициран стаж, зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4 проценти и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време.
Протестот ќе се одржи на работните места за време на паузите од 10 и 30 до 11 часот.
Подготвено од М.Д.