demokratija

02.11.2023 Скопје

Во годишниот извештај на „ИДЕА“ се предупредува дека демократскиот систем е во фаза на распаѓање во речиси половина од светските земји и во истиот се посочува дека 2022 година беше шеста година на „демократска рецесија“ во светот.

Мајкл Руни, коавтор на извештајот на ИДЕА Интернешнл, меѓународен институт за демократија и изборна помош, изјави дека ова е шеста година по ред кога повеќе демократии уназадуваат отколку што напредуваат.

Руни додава дека ваквиот тренд е најдолгата „демократска рецесија“ што оваа организација ја забележала откако почнала да собира податоци за состојбата на демократијата во светот во 1975 година.

Институтот, кој ги следи повеќето земји во светот, при составувањето на извештајот користеше демократски индикатори како граѓанските слободи, независноста на судството и политичкото претставување.

Како што се наведува во извештајот, „темелите на демократијата се уриваат низ целиот свет“, а проблемите се движат од „изборни нерегуларности до ограничувања на правата“.

Од 173 анкетирани земји, 85 добија слаба оценка за барем „еден главен индикатор за демократски напредок во изминатите пет години“.

Извештајот предупредува на „значителен пад“ на стандардите поврзани со изборите и работата на парламентите, како и на принципот на владеење на правото, вклучително и независноста на судството.

„Гледаме и пад на историски успешните демократии во Европа, Северна Америка и Азија“, посочува Мајкл Руни.

Овој бран на слабеење на демократските системи на глобално ниво може да се толкува, меѓу другото, и со државни удари на африканскиот континент.

Што се однесува до правата, авторите посочуваат дека имало ограничувања на слободата на говор и собирање, но тоа не било значајно на глобално ниво.

Што се однесува до владеењето на правото, во извештајот се наведува дека се забележани подобрувања „по години стагнација на нивото на корупција“.

„Гледаме знаци на надеж во одредени земји во светот“, како што се Централна Европа и африканскиот континент. „Но, целокупната слика е сепак многу лоша“, се заклучува.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author