09.11.2023 Скопје
Услугата ChatGPT, од компанијата OpenAI, последните два дена има проблеми со функционирањето.
По вчерашните проблеми, кога не работеше 90 минути, ChatGPT денеска повторно „падна“, па не работи за корисниците ширум светот.
Од компанијата OpenAI велат дека се свесни за проблемот кој влијаел и на API услугите на компанијата.
За време на застојот, корисниците се пречекуваат со порака „ChatGPT е на капацитет во моментов“ или порака за проблем при најавување.
Вчера OpenAI посочи дека поправката е имплементирана, но денес проблемите повторно се појавија и корисниците не можат да се логираат и да ја користат услугата.
Сајтот DownDetector повторно известува за проблемите со кои се соочуваат корисниците, најмногу кога се обидуваат да се логираат преку мобилната верзија на услугата.
Пред неколку дена, OpenAI објави понапреден AI модел за ChatGPT, кој е попаметен, побрз и ажуриран со понови податоци. Станува збор за GPT-4 Turbo, а најавена е и платформа која им овозможува на сите да креираат своја верзија на четбот.
Подготвено од А.Ѓ.