Photo by form PxHere

14.11.2023 Скопје

Бројот на напади врз бегалци и баратели на азил во Германија е значително зголемен оваа година, соопшти денес германската влада.

„Во првите три квартали од оваа година евидентирани се 1.515 политички мотивирани напади врз бегалци и баратели на азил, што е повеќе од целата претходната година“, се вели во одговорот на германската влада на истрагата на пратеничката група на Левицата во Бундестагот.

Најголемиот број напади, две третини, им се припишуваат на извршителите од политичкото милје од екстремната десница.

Партијата Левица го критикуваше зголемувањето на насилството врз бегалците и барателите на азил и ова зголемување го поврза со актуелната дебата за ограничување на илегалната имиграција во Германија.

„Во Германија, бегалците се цел на напади, понижување и ширење омраза секој ден. Една од причините е се поинтензивната дебата за барателите на азил, што обезбедува плодна почва за расистичка мобилизација на улица и насилство насочено кон бегалците“, рече Клара Бунгер, претставник на партијата Левица.

Сојузната влада и претставниците на сојузните покраини неодамна договорија пакет мерки кои треба да резултираат со намалување на бројот на бегалците, кои од почетокот на оваа година повторно во зголемен број доаѓаат во Германија.

Меѓу другото, мерките вклучуваат зголемена контрола на границите како и укинување на социјалните бенефиции за бегалците, што треба да ја намали атрактивноста на Германија како дестинација за мигрантските текови.

Во анкетите на јавното мислење, германските граѓани го наведуваат токму проблемот со неконтролираната имиграција како најголем социјален проблем. Партиите како десничарската Алтернатива за Германија (AfD), кои се противат на сите форми на имиграција, имаат најголема корист од ова расположение.

АфД ужива поддршка од нешто помалку од четвртина од гласачите во анкетите на сојузно ниво, а во сојузните покраини на истокот на Германија е веројатно најсилната политичка сила.

Подготвено од М.Д.

About Author