10.11.2023 Скопје
Бројот на бездомници во Германија е зголемен за повеќе од 50 отсто за само една година поради големиот број имигранти кои пристигнуваат во најголемата европска економија. Бројот на барања за азил само оваа година е зголемен за дури 70 отсто, а се очекува нивниот број до крајот на годината да надмине 300.000.
Истовремено, Германија е погодена од голема криза со недостиг на прифатливи станови поради големата имиграција, околу милион имигрирани Украинци и 148.000 други бегалци кои поднеле барање за азил минатата година. На тоа треба да се додаде растот на каматните стапки и зголемувањето на трошоците за изградба, што предизвика голема стагнација во изградбата на станови. Годинава би можеле да се изградат помалку од 200.000 нови станови, што е половина од годишната цел на Владата. Бројот на социјални станови е премал: во последните години се преполови на нешто повеќе од милион.
Инфлацијата, високите трошоци и зголемените кирии силно ги погодуваат домаќинствата со ниски приходи во Германија, предупредува Верена Розенке, директорка на германското Сојузно здружение за бездомници (Bag W). Посебно загрозени се самохрани домаќинства со ниски примања, самохрани родители и парови со повеќе деца.
Околу 50.000 луѓе се принудени да спијат на улица, додека останатите наоѓаат место барем привремено во засолниште или кај пријатели и познаници. Минатата година, околу 607.000 луѓе беа барем привремено бездомници, во споредба со 383.000 во 2021 година. Меѓу нив има 411.000 бегалци, или 71 отсто од вкупниот број. Во 2021 година имало половина повеќе, односно 194.500 бегалци без сместување.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на јануари Украинците сочинувале нешто помалку од една третина од бездомниците.
Оваа година, Германија е на пат да прими најмногу баратели на азил од екот на мигрантската криза во 2015 година. Со повеќе од три милиони бегалци, вклучително и Украинци, Берлин се наоѓа под огромен притисок од преоптоварените држави и општини. Ова е најголемиот бегалски бран по Втората светска војна.
Голем предизвик за германскиот систем за прифаќање имигранти беше комбинацијата на воени бегалци од Украина и наглото зголемување на барателите на азил од други земји.
Истражување покажа дека околу 40 отсто од 125 градови и општини во сојузот „градови на безбедни засолништа“ ја достигнале својата граница или се приближуваат до неа. Многу општини со месеци предупредуваат дека имаат преголем капацитет и не можат да примат нови баратели на азил.
Поради големиот притисок, германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот свика состанок за политиката за азил. Историски неуспех, влијателниот „Дер Шпигел“ го осуди отсуството на договор меѓу владејачката партија и демохристијанската опозиција (ЦДУ-ЦСУ).
По прашањето за имиграцијата, екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), моментално втората најсилна партија во земјата, ги брка гласовите на незадоволните.
На состанокот во вторникот, Шолц и лидерите на сојузните покраини постигнаа договор за намалување на социјалната помош за барателите на азил, со цел Германија да се направи помалку привлечна за имигрантите. На пример, помошта за барателите на азил во иднина ќе се плаќа со картички кои ќе можат да се користат за купување храна во супермаркетите – но концептот допрва треба да се осмисли. Социјалната помош во полн износ би ја добивале по 36 месеци, а не по 18 месеци како досега. Ова ќе им оневозможи на барателите на азил да испраќаат пари во нивната земја на потекло.
Предвидено е барањата за азил да се обработуваат многу побрзо – во рок од најмногу три месеци, за оние кои доаѓаат од земји каде што малкумина добиваат азил. Останатите би добиле одговор во рок од шест месеци. Се разгледува и можноста за процесуирање на барањата за азил надвор од границите на Германија, заедно со зајакнување на граничните контроли и продолжување на преговорите со земјите од Африка и слично за да се запре протокот на баратели на азил. Шолц во вторникот рече дека европската „солидарност“ во споделувањето на товарот за прифаќање бегалци е единственото одржливо решение за проблемот, но тоа не е на повидок.
Подготвено од А.Ѓ.