28.11.2023 Скопје
Меѓу владите на Велика Британија и Грција изби дипломатски спор поради скулптурите од Партенон.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис требаше да се сретне со неговиот британски колега Риши Сунак во Лондон, но од Владата на Велика Британија ја откажаа средбата во последен момент.
Еден ден откако Мицотакис изјави дека треба да бидат вратени во Грција мермерните статуи од Партенон, кои се наоѓаат во Британскиот музеј, дојде до овој дипломатски инцидент.
Станува збор за скулптури кои на почетокот на 19-тиот век биле отстранети од храмот Партенон во Атина од британскиот војник и дипломат Лорд Елџин. Скулптурите потоа биле откупени од британската Влада во 1816 година и оттогаш се наоѓаат во Британскиот музеј. Овие мермерни фигури се дел од фризот направен од скулпторот Фидија, кој го красел храмот стар 2.500 години. Една половина од овие статуи се наоѓаат во Лондон, додека другата половина се наоѓаат во новиот Музеј Партенон во Грција.
„По коментарите на Мицотакис во интервјуто, невозможно е да се оствари средбата на премиерите“, изјави висок функционер од владејачката Конзервативна партија во Британија за откажувањето на средбата.
Од Владата на Велика Британија истакнаа дека нивната позиција е јасна и мермерните статуи се дел „од постојаната колекција на Британскиот музеј и припаѓаат овде. Несмасно е доколку било кој британски политичар сугерира дека тоа е предмет на преговори“.
Мицотакис, пак, изрази разочараност што се откажала средбата во последен момент.
„Нашата позиција по прашањето на статуите од Партенон е добро позната. Очекував оваа тема да биде покрената на дискусијата со мојот британски колега, но и адресирањето на значајните глобални прашања, како ситуацијата во Газа и Украина, климатската криза и миграциите“, рече Мицотакис.
Мермерните статуи од Партенон со децении се контроверзна тема во односите меѓу Грција и Британија. Додека Грците сметаат дека овие артефакти биле украдени, Велика Британија тврди дека тие биле легално добиени и дека спречиле нивно уништување.
Овие скулптури се едни од најпознатите во се` позачестената дебата околу тоа дали музеите низ светот треба да ги вратат одземените или украдени артефакти на државите на кои им припаѓаат.
Подготвено од А.Ѓ.