27.11.2023 Скопје
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека четиридневното примирје е важен прв чекор во конфликтот меѓу Израел и Хамас, но треба да се направи многу повеќе за да се реши кризата.
Борел изрази жалење што Израел нема да присуствува на Форумот за Медитеранската унија, што се одржува денеска во Барселона.
На учесниците на таа средба денеска ќе им се обратат министерот за надворешни работи на палестинската власт, Ријад ал-Малики и саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, како претставници на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка.
Борел изрази надеж дека четиридневното примирје, кое беше договорено минатата недела и истекува денеска, ќе биде продолжено „уште неколку дена“.
Подготвено од А.Ѓ.