14.11.2023 Скопје
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан укажа на важноста од единство и силна соработка со цел промовирање на мирот и стабилноста на континентот.
Борел посочи дека ЕУ смета на земјите кандидати како доверливи партнери во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, вклучително и усогласување со одлуките на Унијата во тие сектори.
Тој ја повтори континуираната силна, политичка, техничка и финансиска поддршка на ЕУ за сите кандидати и потенцијални кандидати за да им помогне да напредуваат во клучните политички, институционални, социјални и економски реформи, објави Европскиот совет.
Во соопштението за печатот се истакнува дека средбата беше можност за размена на мислења за предизвиците во регионот и неговата европска иднина во време кога политиката за проширување на ЕУ доби на интензитет и со неодамнешното усвојување на извештајот на Европската комисија за оценка на напредокот на секој од партнерите на европскиот пат.
Европскиот совет потсетува дека Борел во мај 2021 година покрена иницијатива за поголемо вклучување на Балканот во безбедносната и надворешната политика на ЕУ и дека денешните разговори беа фокусирани на заедничките безбедносни предизвици.
Подготвено од А.Ѓ.