10.11.2023 Скопје
Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека болницата Шифа во Газа била бомбардирана, истакнувајќи дека 20 болници во Појасот Газа сега се целосно вон функција.
„Немам детали за Шифа, но знаеме дека болницата е бомбардирана“, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис, додавајќи дека на местото на настанот има „интензивно насилство“.
Од утрово палестинските власти и медиумите известуваат за интензивни борби меѓу израелските сили и борците на Хамас во близина на болницата Шифа.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои наводно се гледаат мртви и повредени цивили во дворот на болницата, каде што се засолниле многу жители на Газа.
Израелската војска го обвинува Хамас дека ги крие своите борци во болниците и дека го користи болничкиот комплекс Шифа како главен команден центар, додека Палестинците ги осудуваат израелските напади врз болниците каде што има многу цивили.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, говорејќи во Њу Делхи, рече дека САД ги ценат напорите на Израел да ги минимизираат цивилните жртви во Газа, но дека тоа не е доволно.
Тој рече дека САД им предложиле дополнителни идеи на Израелците, вклучувајќи подолги „хуманитарни паузи“ и поголема количина хуманитарна помош за Газа.
„Напорите на Израел да ги формализира паузите во неговите воени операции и создавањето втор коридор за Палестинците што ќе го користат се потези за пофалба. Овие чекори ќе спасат животи и ќе овозможат поголема помош за Палестинците, но треба да се направи многу повеќе за да се заштитат цивилите и да се обезбеди до нив да стигнува хуманитарна помош“, рече Блинкен.
Тој нагласи дека „премногу Палестинци се убиени, премногу страдаат“ и дека треба да се направи се што е можно за да се спречат цивилните жртви и да се зголеми потребната помош.
Подготвено од А.Ѓ.