23.11.2023 Скопје
Mинистерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека Регулаторната комисија за енергетика ќе го има последниот збор во однос на одредување на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи согласно став 5 од член 10 од Законот за енергетика бидејќи ќе прави надзор и ќе потврдува дали начинот на пресметка согласно тарифниот систем е направен коректно.
По вчерашната објава на претседателот на РКЕ дека новата одлука за цената на струјата ќе ја одредува и кажува ЕВН Хоум, актуелниот универзален снабдувач, а РКЕ ќе ја контролира, Бектеши рече дека ингеренциите на ЕВН Хоум „се повеќе процедурални и технички“.
Бектеши истакна дека наместо пресметка да направи РКЕ, „тие ќе ги направат своите пресметки и ќе ги достават до РКЕ каде што тие треба да ги потврдат или, пак, може да ги одбијат. Исто така, посочи дека според Министерството за економија како надлежна институција за Законот за енергетика и толкување на неговите членови во случајов крајниот збор го има РКЕ.
„Ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон РКЕ бидејќи надзор за тоа како се применува Законот за енергетика прави Министерството за економија“, забележа Бектеши.
Според Бектеши, цената на електричната енергија нема да се зголеми, ниту во блоковите, ниту во целина.
Подготвено од М.Д.