03.11.2023 Скопје
Лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, на вчерашната собраниска седница со шал околу вратот, каков што традиционално носат Палестинците, излезе на собраниската говорница и истакна дека заедно со пратеникот Борислав Крмов, во името на партијата, во парламентот поднесоа предлог декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација.
Спикерот Талат Џафери декларацијата не ја стави на гласање поради тоа што не била преведена на албански јазик.
„Сметаме дека ние не треба да бидеме ноеви, да си ја пикаме главата во песок и да не проговориме во ова Собрание за најжешката точка на планетата во овој момент, која што има потенцијал да разгори и Трета светска војна и каде што, пред наши очи, ни се случува геноцид на Палестниците во Газа“, рече Апасиев.
Апасиев го цитираше портпаролот на УНИЦЕФ: „Газа изминатите денови, стана гробница на илјадници дечиња и таа е жив пекол на земјата“!
„Потенцијалот, односно бомбите кои се фрлени во Газа за само две недели за еден и пол пат ја надмина ударната моќ на нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима“, додаде Апасиев.
„Во овој парламент леевме крокодилски солзи за Украина. Чисто за споредба, во Украина загинаа не повеќе од 200 деца за две години, во Газа загинаа 5.000 дечиња за две недели! Оттука, да го дополнам портпаролот на УНИЦЕФ: Газа не е гробница само на илјадници дечиња, Газа е гробница и на човечноста! Го гледаме европското и американско лицемерие, кога едните животи се повредни од другите“, истакна Апасиев.
Подготвено од М.Д.