https://www.facebook.com/photo/?fbid=176044788270980&set=a.142099824998810

25.11.2023 Скопје

Од АХВ соопштија дека новото законско решение ќе воспостави систем за контрола на неконтролираното размножување на кучињата и другите домашни миленици преку регистрација на одгледувачници за кучиња и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче.

„Со оваа мерка се очекува оние сопственици на домашни миленици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција (не сакаат да се регистрираат како одгледувачница и или регистриран сопственик на куче) да го стерилизираат својот миленик“, велат од АХВ.

Контрола на сопствеништвото на домашен миленик и контрола на размножувањето и благосостојбата на животните се дел од предизвиците кога станува збор за бездомните кучиња. Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животите ветува решение, но, според кинолошките здруженија, не значи ништо ако неговите одредби не се почитуваат.

Од Јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“ велат дека кај нас секој може да земе куче, да го чува несоодветно, да го размножува неконтролирано и на крај да го остави на улица него или неговото потомство, и сето ова, како што велат, да помине без санкција, создавајќи огромен комунален проблем за граѓаните и загрозувајќи ја благосостојбата на кучето.

Според нив, без разлика колку активистите ќе успеат да згрижат и вдомат, сѐ додека изворот на проблемот не се запре, проблемот само ќе се амортизира, меѓутоа не може да биде конечно решен.

Планот за унапредување на благосостојбата на животните, конкретно бездомните кучиња, според Агенцијата за храна и ветеринарство е усвојување на Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животите и имплементација на одредбите, особено во делот на одговорното сопствеништво на домашните миленици. Ова, според нив, е клучната алка во системот за контрола на популација на кучиња, а фокусот е воспоставување на систем за контрола на репродукцијата на домашните миленици.

Од Собранието велат дека Предлогот е во работна верзија и е доставен до кинолошките здруженија за забелешки.

Според „Лајка“, постојниот закон генерално има определено најголем дел од тоа што треба да содржи еден национален закон за заштита на животни, меѓутоа, неговиот единствен недостиг е недореченост, двосмисленост на одредбите, без конкретни определби и ниските казни.

Нивните предлози за подобрување на законската рамка се во насока на дефинирање на определени поими, определување на залови, „стерилизирај, вакцинирај, врати“ како единствена метода за решавање на проблемот без примена на други методи кои ја нарушуваат нејзината суштина, односно оставаат отворена можност за произволност, како и повторна примена на еутаназија на здрави, излечиво болни или животни за кои постои интерес за вдомување.

Тие препорачуваат забрана за размножување на миленик надвор од регистрирана одгледувачница, забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, определени одредби со кои би се забранило чување, одгледување и користење на копитари во урбани средини, поконкретни одредби кои се однесуваат на идентификација на милениците и нивните легла и прецизирање на обврската на општините, но и определување на поголеми надлежности за општинските комунални служби.

Според информациите од АХВ, во нивниот модул за домашни миленици на Ветеринарно информативниот систем во моментов се евидентирани вкупно 126 905 домашни миленици од кои 119 082 кучиња. Минатата година во овој систем биле евидентирани вкупно 128 202 домашни миленици од кои 120 202 кучиња.

Во Регистарот на одобрени прифатилишта на Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, се евидентирани 27 прифатилишта од кои на две им е времено одземено одобрението.

Од АХВ информираат дека во 2022 година кај сопственик на домашен миленик се одржани 32 едукации за сторени прекршоци. Дел од нив се за невакцинирано куче против беснило, куче затекнато на јавна површина кое не било врзано на поводник, и поради табла на влезна врата на сопственикот на кучето која не била истакната на видливо место.

Во 2023 година, од АХВ велат дека се одржани шест едукации за движење на домашен миленик на јавна површина без поводник и придружба од сопственик, третирање на бездомни кучиња во прифатилиште спротивно Законот за заштита и благосостојба на животните, несоодветен здравствен третман на животните во прифатилиште за бездомни кучиња, неодобрено прифатилиште, напуштање на домашен миленик, непријавување на легло со кучиња до овластена ветeринарна амбуланта и слично.

Според АХВ, изменувањето и дополнувањето на постојното законско решение кое беше усогласено со европското, се прави со цел подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, како и спроведување на одредени сегменти од Стратегијата за заштита и благосостојба на животните кои се однесуваат на пролонгирање на рокот за отфрлање на основниот кафезен систем за држење на кокошки несилки.

Оттаму дополнуваат дека нема да биде дозволено држење на куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци), а крајната цел, како што велат, е зајакнување на принципите за одговорното сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња.

Подготвено од М.Д.

About Author