ekonomija

13.11.2023 Скопје

Работодавците предупредуваат дека градежната индустрија во Германија е во голема криза и дека за две години би можеле да исчезнат 300.000 работни места.

Високи камати, страв од инфлација, високи трошоци за парно… Градежната индустрија е во криза и покрај сериозниот недостиг на станови во Германија.

Од јануари до август 2023 година се издадени 28,3 отсто помалку одобренија за градење станови отколку во истиот период во 2022 година. Според реномираниот институт ИФО од Минхен, секоја друга градежна компанија страда од акутен недостиг на нарачки.

Наместо изградба на 400.000 нови станови, која ја вети германската министерка за градежништво Клара Гејвиц, градежната индустрија тврди дека во текот на 2023 година ќе бидат изградени само 250.000.

Тројца газди од големи градежни компании во Германија отворено за германските медиуми проговорија за своите проблеми.

„Канцеларот сега мора да ја направи изградбата на станови главен приоритет и да го спаси она што сè уште може да се спаси“, рече директорот на голем германски снабдувач на градежни материјали, кој додаде дека нарачките паднале за 30 отсто.

На претстојната премиерска конференција во декември мора да се постигне договор за заштеда на станови.

„Тоа е последна шанса да се спречи катастрофа за домување“, рече директорот, кој бара специјална амортизација од 50 проценти за приватните претприемачи на сите трошоци за изградба од 2024 година, а исто така бара државата да го суспендира данокот на промет на недвижен имот на пет години.

„Ако градежната индустрија уште повеќе киксне, не е загрозена само енергетската транзиција, туку и социјалниот мир во Германија“, смета друг работодавач од градежниот сектор.

Во него се наведува дека до 2025 година ќе бидат изгубени 300.000 работни места и дека многу компании ќе се откажат од проектите.

Според него, кириите ќе пораснат на рекордно ниво доколку недостигот од станови стане уште поголем. За да се спречи тоа, вели тој, потребни се ефективни државни стимулации.

„Дојдовните нарачки за изградба на куќи се намалени за повеќе од 50 отсто од минатата година. Ова е повеќе од алармантно. Ова се однесува на целата индустрија за изградба на куќи“, посочува трет работодавач од градежната индустрија.

Тој додава дека се неопходни даночни олеснувања за градителите на куќи: „Сега ни треба намалување на даноците за сите приватни лица кои градат. Одбивањето на трошоците за изградба од даноците веќе и даде на Германија динамика во изградбата на станови“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author