globalno zatopluvanje

30.11.2023 Скопје

Светската метеоролошка организација објави дека до крајот на 2023 година, планетата ќе достигне ниво на глобално затоплување од околу 1,4 степени Целзиусови над прединдустриското време.

Привремениот извештај на Светската метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима потврдува дека 2023 година ќе биде убедливо најтоплата година досега, надминувајќи ја претходната рекордна година од 2016 година, кога светот беше околу 1,2 степени потопол од прединдустрискиот просек.

Ова укажува на итноста со која светските лидери се соочуваат со темата за постепено укинување на фосилните горива на годишниот самит на ОН за климата „COP28“, што почнува денеска во Дубаи.

„Нивото на стакленички гасови е на рекордно високо ниво. Глобалната температура е на рекордно високо ниво. Покачувањето на нивото на морето е рекордно високо. Нивото на мразот на Антарктикот е на рекордно ниско ниво“, изјави генералниот секретар на СМО, Петери Талас.

Морскиот мраз на Антарктикот годинава го достигна најнискиот зимски максимум во историјата, околу еден милион квадратни километри помалку од претходниот негативен рекорд.

Во извештајот се наведува дека швајцарските глечери изгубиле околу 10 отсто од преостанатиот волумен во последните две години, а шумските пожари изгореле рекордна површина во Канада, каде што е уништена околу пет отсто од шумската покривка.

Научниците предупредуваат дека затоплувањето од 1,5 степени Целзиусови е горната граница за избегнување на катастрофални климатски промени според Парискиот договор од 2015 година.

Експертите посочуваат дека за да се достигне таа граница, нивото на затоплување на планетата би требало да се одржува подолг временски период.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author