10.10.2023 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во интерес на Русија е да се разгори војната на Блискиот Исток со цел „да го ослаби светското единство“.
Тој посочи дека таков заклучок е формиран врз основа на достапни и многу јасни информации.
„Во интерес на Русија е да ја разгори војната на Блискиот Исток со цел да се создаде нов извор на болка и страдање, што ќе го ослабне глобалното единство, ќе создаде поделби и ќе и помогне на Русија да ја поткопа слободата во Европа“, рече Зеленски во своето видео обраќање.
Од друга страна, Москва ги повика Палестинците и Израелците на прекин на огнот, нагласувајќи дека смета дека мирниот, безбеден и добрососедски соживот на двете држави, Израел и Палестина, е единствената можна иницијатива за решавање на палестинското прашање.
„Што се однесува до напорите за посредување, страните мора прво да го прекинат огнот. Сите други прашања може да се решат во нормална, невоена средина“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција по разговорите со генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Геита.
Подготвено од А.Ѓ.