protest na lekari portugalija

19.10.2023 Скопје

Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал бара покачување на платите за 30 отсто, четири проценти инфективен додаток, бенефициран стаж за целото здравство, како и промена на колективниот договор, бидејќи во постоечкиот колективен договор има доста неправилности кои треба да се изменат.

Лазо Костовски, претседателот на Независниот синдикат на геријатрија, изјави дека имале средба во Министерството за здравство со шефот на кабинетот, меѓутоа „со нив не можевме да постигнеме договор затоа што не зависи од нив покачувањето на платите, туку од Министерството за финансии“.

„Во овој момент Министерството за здравство располага со многу помал буџет, за разлика од изминатите години, затоа не можеме да ги имаме ниту тие покачувања кои требаше да ги имаме до сега. Во буџетот на здравство нема пари, но има во централниот буџет. Ние гледаме дека овие наши функционери сакаат на некој начин да го смират народот, со најавата дека ќе ги намалат коефициентите на нивните плати, а тоа ќе трае до јануари месец, кога ќе го имаат покачувањето од 300 до 500 евра, фактички тоа нивно покачување ќе биде намалено и тие ќе си останат на истите овие плати кои што ги имаат сега“, додаде Костовски.

Костовски истакна дека за следниот чекор Синдикатот ќе расправа дополнително, но можна е радикализација на протестите.

Денеска во Скопје и во неколку други градови, Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал организираше протест на членството во знак на незадоволство од висината на платите.

„Треба сега во овој момент да ги повикам приватните здравствени установи, односно матичните лекари, да прекинат да даваат упати, без разлика за каде, освен на оние што се со кардиоваскуларни заболувања, онколошки заболувања или дијабетичари, но што ќе стане после? Изгледа единствен начин е тој, бидејќи со оваа Влада не гледам друг спас“, истакна Костовски.

Во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево протестираат здравствените работници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author