19.10.2023 Скопје
Во оценката на аналитичарите на Светска банка се наведува дека во 2024 година земјите од Западен Балкан може да очекуваат економски раст од приближно три отсто во просек, со намалување на стапката на инфлација.
Во редовниот шестмесечен извештај се наведува дека може да се очекува умерено забрзување на економскиот раст на Западен Балкан под услови во кои би следело натамошно закрепнување во Европската Унија, која е главен трговски партнер на регионот, додека пониската инфлација треба да придонесе за раст на расположливиот доход и да ја стимулира потрошувачката.
Највисок раст, со стапка од 3,9 отсто се очекува следната година во Косово, во Албанија е проектиран на 3,2 отсто, како и во Црна Гора, во Србија од три отсто и во Босна и Херцеговина од 2,8 отсто. Најдолу на листата е Северна Македонија со очекуван раст на бруто домашниот производ од 2,8 отсто.
Во анализата се наведува дека доколку се остварат овие прогнози, БДП на целиот Западен Балкан во 2025 година би требало да расте со просечна стапка од 3,5 отсто, при што Косово повторно ќе води, а Северна Македонија ќе остане на дното на листата.
Годинава просечниот економски раст во регионот се предвидува на ниво од околу 2,5 отсто, а од Светска банка посочуваат дека и покрај тешкотиите има и умерено намалување на стапката на сиромаштија и отворање нови работни места.
Просечната стапка на вработеност во овој регион достигна ново историски високо ниво од речиси 48 отсто, а од средината на 2022 година до средината на 2023 година се отворени 103 илјади нови работни места. Според анализата, напредокот беше најсилен во Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Сепак, Светска банка предупредува дека регионот се соочува со недостиг на работна сила и дека тоа е еден од најзначајните проблеми наведени од бизнисмените. Заедно со решавањето на ова прашање, државите од регионот мора да ја забрзаат економската конвергенција со понапредните економии на Европа, како и зелената транзиција и да го зголемат обемот на инвестиции во зајакнувањето на отпорноста на природни катастрофи, вклучително и во земјоделството, според проценките на аналитичарите во Светската банка.
Подготвено од А.Ѓ.