pres konferencija dimitar kovachevski

04.10.2023 Скопје

Законот за амнестија е доставен до Собранието и ќе се носи по скратена постапка.

Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека Законот не е правен за личности, туку за дела од помал обем со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети, а од опозицијата остануваат на ставот дека со Законот се опфатени „озлогласени криминалци“.

Ковачевски изјави дека Предлог-законот за амнестија е направен за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции.

„Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот“, потенцираше премиерот.

Според Ковачевски, за законот има различни мислења од кои дел се водат од хумани, а дел од рационални причини.

„Ист ваков закон се донесе во 2018 година и тогаш сите го поддржаа. Сега предложениот закон е дури и порестриктивен. Бројот на места во затворите е околу 2.113 колку што во моментов има лица во затвори. На издржување на казна чекаат уште 2.200 лица што значи дека во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казна“, додаде премиерот.

Транспарентност при носење на овој Закон очекува претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев. Тој порача и оти очекува да се добијат одговори од кои причини се носи овој Закон, но и кои се ефектите.

„Очекувам да бидеме вклучени во некој дел од целата таа процедура со свое мислење како Судски совет, како судска фела. Колку што знам јас дека е во процедура, како ќе помине тоа останува на законодавниот дом“, рече Георгиев.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author