demencija

25.10.2023 Скопје

Според британското здружение за Алцхајмерова болест, часовниците кои се враќаат назад овој викенд може да бидат збунувачки за луѓето со деменција. Како што зимските утра стануваат потемни, на луѓето со деменција може да им биде тешко да ги приспособат своите навики за спиење. На нивниот внатрешен биолошки часовник, исто така, му треба повеќе време за да се прилагоди на новата ситуација.

Како што деновите стануваат пократки, некои пациенти со деменција може да доживеат „синдром на зајдисонце“, што предизвикува промени во однесувањето подоцна во текот на денот. Во такви ситуации, лицето со деменција може да стане многу возбудено или збунето.

Деменцијата е синдром поврзан со континуирано намалување на функциите на мозокот. Алцхајмеровата болест е една од најчестите форми на деменција. Симптомите на деменција вклучуваат губење на меморијата, намалена ментална острина и брзина. Засегнатите лица може да имаат потешкотии со говорот, а исто така и проблеми со расположението и расудувањето во одредени ситуации.

Добротворната организација потсетува дека негувателите на лица со деменција можат да преземат чекори за да го намалат нарушувањето и да ја променат дневната рутина:

– Одржување на конзистентна рутина во текот на денот и пред спиење за да се регулира нарушениот внатрешен часовник. Ова вклучува јадење редовни оброци и вежбање во исто време секој ден.

– Излегувањето на свеж воздух во текот на утрото, што помага да се воспостави внатрешниот телесен часовник кај луѓето со деменција и ги прави поуморни и подготвени за спиење ноќе.

– Избегнување на фактори кои можат да го нарушат сонот во текот на денот, како што се консумирање кофеин и дремење.

Д-р Тим Бенланд од Здружението за Алцхајмерова болест забележува дека враќањето на часовниците наназад за повеќето од нас е едноставна промена, но кај луѓето со деменција тоа може да предизвика вознемиреност, збунетост и раздразливост.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author