04.10.2023 Скопје
Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во вторникот, спуштајќи се на најниското ниво од почетокот на јуни, бидејќи новите економски податоци ги поттикнаа стравувањата дека ФЕД повторно ќе ги зголеми каматните стапки до крајот на годината.
Dow Jones се лизна за 1,29 отсто, на 33.002 поени, додека S&P 500 потона за 1,37 отсто, на 4.229 поени, а индексот Nasdaq за 1,87 отсто, на 13.059 поени.
Падот на S&P 500 на најниско ниво од 1 јуни и на Dow Jones и Nasdaq од крајот на мај следеше по извештајот кој покажа дека отворените работни места во САД се зголемија силно во август, многу повеќе отколку што очекуваа аналитичарите. Ова покажува дека пазарот на трудот останува силен, што би можело да го поддржи растот на платите, а со тоа и потрошувачката и инфлацијата.
Тоа предизвика стравувања дека ФЕД повторно ќе ги зголеми клучните каматни стапки до крајот на годината и ќе ги задржи на повисоки нивоа подолг период од очекуваното. Како резултат на тоа, приносите на 10-годишниот американски трезор вчера достигнаа нови 16-годишни највисоки нивоа, додека цените на акциите нагло паднаа.
Подготвено од А.Ѓ.