20.10.2023 Скопје
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Охрид каде имаше средба со припадниците на доброволните противпожарни друштва од земјава изјави дека Република Северна Македонија во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.
„Институциите, службите, безбедносно-разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Петровска посочи дека секогаш кога се отвора нов конфликт низ светот, тој предизвикува одредени проблеми, пореметувања во постојаното функционирање на државите, независно дали е тој поблиску или подалеку.
Одговарајќи на новинарски прашања за безбедносната состојба во земјата и регионот по однос на актуелните воени конфликти во Израел и војната во Украина, министерката Петровска изјави: „Што поскоро завршат воените дејствија, час поскоро може да се седне на маса и да се разговара за сите проблеми што ги поттикнале конфликтите. Знам дека многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи“.
Петровска додаде дека не и е познато дека на институциите на државата и биле доставени некакви барања за физичка заштита на припадниците на еврејската заедница во земјата и нивните верски објекти.
Во текот на вчерашниот ден, Босна и Херцеговина ги подигна мерките за безбедност во земјата.
Подготвено од А.Ѓ.