златна лира

16.10.2023 Скопје

Во Музејот на македонската борба вечевра (16 октомври) во 20 часот со рецитал на соло песни ќе биде отворен фестивалот „Златна лира“. На рециталот настапуваат Михаило Арсенски – тенор и Дино Имери – пијано.

Арсенски во пијано придружба на Дино Имери, рециталот ќе го посвети на соло песната, форма на која тој ѝ дава особен пиетет и успева да ја воздигне на највисоко уметничко ниво, изведувајќи композиции од Клод Дебиси, Рихард Штраус, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и Томислав Зографски.

Тенорот Арсенски (Скопје, 1971), е член е на Оперското студио на Париската национална опера (1998-2001). Арсенски е првиот претставник на Македонија на престижниот пејачки натпревар: BBC- The Cardiff Singer of the World во 2001 година. Низ Франција и Швајцарија остварува повеќе водечки улоги од италијанскиот и францускиот романтичен оперски репертоар. Од 2018 година е Доцент е по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Минстер, Германија.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар.

Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ – Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет и други ансамбли.

Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie.

Имери е застапен на бројни изданија за престижни дискографски куќи, а бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика.

Влезот на концертот е слободен.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author