18.10.2023 Скопје
Речиси еден месец откако беше затворен, граничниот премин меѓу Косово и Србија во Јариње е целосно отворен за сообраќај утрово.
Ветон Елшани, заменик-директор на косовската полиција за северниот регион, изјави дека овој граничен премин е целосно отворен за влез и излез од Косово претпладнево во 08:30 часот.
Граничниот премин во Јариње, како и оној во Берњак – кои се наоѓаат на косовскиот север, населен со мнозинство Срби – беа затворени од косовските власти на 24 септември, по вооружениот напад на српска група врз косовската полиција, во кој загина еден полицаец и тројца од напаѓачите. Овој напад косовските власти го окарактеризираа како терористички и го обвинија официјален Белград за неговата подготовка и реализација.
Берњак веќе беше отворен за влез/излез на 4 октомври, додека Јариње беше блокиран за влез во Косово, а беше отворен само за излез.
Подготвено од М.Д.