20.10.2023 Скопје
Украинскиот парламент во четвртокот даде зелено светло за забрана на Украинската православна црква – Московската патријаршија, која Киев ја обвинува за соработка со Русија.
Црквата, која тврди дека повеќе не е поврзана со Руската православна црква, ги отфрла обвинувањата на Киев и ја смета забраната за неуставна.
Пратеникот Јарослав Жележњак на Телеграм напиша дека пратениците го поддржале законот во прво читање. Законот сè уште треба да помине на второ читање и мора да биде потпишан од претседателот.
Ќе ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на моќ „во држава која врши вооружена агресија против Украина“.
Пратеничката Ирина Херашченко гласањето го оцени како историско и прв чекор за преселување на „московските свештеници од украинската земја“.
Украинските власти и бројни граѓани со години сметаат дека Украинската православна црква е лојална на Москва. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, против нејзините свештеници беа покренати 68 обвиненија, вклучително и за велепредавство.
Подготвено од А.Ѓ.