26.10.2023 Скопје
Украина го прекина транспортот преку коридорот за извоз на жито во Црното Море, поради потенцијалните закани од руските воени авиони и поморските мини, соопшти денеска компанијата Barva Invest Consultancy.
„Ве известуваме за привремениот прекин на транспортниот сообраќај. Забраната стапува на сила на 26 октомври, но можно е таа да биде продолжена“, соопшти компанијата на Telegram.
Украинските власти одбија да коментираат за ова прашање, а фјучерсите на пченицата на берзата во Чикаго реагираа на оваа вест со благо зголемување на цените.
„Барва инвест консултанси“ соопшти дека суспензијата е во сила веќе два дена по налог на украинската армија, која забележала зголемена активност на руската авијација во таа област.
Во август, Украина отвори „хуманитарен коридор“ за бродовите со жито што пловат кон африканските и азиските пазари во обид да ја заобиколи руската блокада на Црното Море.
Украина преку овој коридор од август извезла околу 700.000 тони жито.
Првиот заменик-министер за земјоделство на Украина, Тарас Висоцки, вчера изјави дека Киев може да извезе над милион тони жито преку црноморските коридори во октомври.
Подготвено од А.Ѓ.