germanska policija

10.10.2023 Скопје

Германското обвинителство соопшти дека германската полиција спроведе рации и уапси членови на екстремно десничарска група која се обиде насилно да ја собори владата на канцеларот Олаф Шолц и да го киднапира министерот за здравство.

Групата беше обвинета за заговор за насилно соборување на политичкиот систем во Германија и формирање нова влада.

Обвинителите наведуваат дека биле извршени претреси во шест провинции како дел од мерките против групата „Граѓаните на Рајхот“.

Еден осомничен имал намера да учествува во планираното киднапирање на министерот за здравство Карл Лаутербах и за таа цел да набави огнено оружје во Хрватска, соопшти државното обвинителство во Минхен.

При претресот во Волфрацхаузен не било пронајдено оружје.

Полицијата денеска уапси и лице осомничено дека на групата и дало сервер за комуникација и дека учествувало во администрирање на затворената чет група. Друг осомничен е обвинет дека ги научил членовите на групата како да користат радио опрема. Инспекторите, исто така, го обвинуваат дека поканил учество на состаноци на здруженија во групи за разговор.

Поддржувачите на „Граѓанскиот рајх“ не ја признаваат модерната Германија како легитимна држава. Некои од нив се посветени на германската империја под монархијата, додека некои се поддржувачи на нацистичките идеи, а некои поддржувачи веруваат дека Германија е под воена окупација.

Групата наречена „Ferrante Patrioten“ планираше да формира влада по моделот на уставот на германскиот Рајх од 1871 година и да го киднапира германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.

Обвинителите тврдат дека оваа група, формирана во средината на јануари минатата година, си поставила цел „да предизвика услови слични на граѓанска војна во Германија преку насилство“ со надеж дека ќе ја собори владата и парламентарната демократија.

Групата планирала и насочени напади со експлозивни направи кои би предизвикале прекин на електричната енергија низ целата земја неколку недели, со што населението нема да има пристап до медиумите.

На петмина осомничени членови, кои беа уапсени минатата година, им се суди од мај по обвиненијата за велепредавство поднесени од обвинителите.

Меѓу уапсените е и 61-годишен маж од германската провинција Хесен, кој ја понудил својата гаража како место за складирање оружје и се согласил да учествува во киднапирањето.

Лаутербах им се заблагодари на истражителите по објавувањето на рациите, велејќи дека веројатно им го должи својот живот.

Во округот Метман е уапсено 49-годишно лице, а во провинцијата Рајна-Пфалц уапсени се уште двајца германски државјани на возраст од 52 и 32 години. Во јужна Германија е уапсен 41-годишен маж. Идентитетот на уапсените не е наведен.

Во рамки на рацијата во Хесен, полицијата, меѓу другото, запленила самострел, пиштол „ББ“ и разни документи.

Подготвено од М.Д.

About Author