02.10.2023 Скопје
Ихсан Чалаби, градоначалникот на градот Сидакан, кој е блиску до границите со Турција и Иран, изјави дека се бомбардирани делови од областа Брадост, како и селото Бадран.
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека биле бомбардирани 20 позиции на забранетата Курдистанска работничка партија во северен Ирак.
„Извршивме воздушни напади против ПКК и други терористички елементи во регионите Метина, Хакурк, Кандил и Гара во северен Ирак со цел да се спречат терористички напади од северен Ирак врз нашето население и нашите сили за безбедност и да се обезбеди сигурноста на нашите граници“, се наведува во соопштението на турското Министерство за одбрана.
Во неделата наутро двајца полицајци беа полесно повредени по самоубиствениот бомбашки напад пред Министерството за внатрешни работи во Анкара. Еден бомбаш-самоубиец се разнесе, додека друг беше убиен од полицијата, а за нападот одговорноста ја презеде ПКК.
Турција оцени дека станува збор за терористички чин, додека пак претседателот Реџеп Таип Ердоган истакна дека терористите никогаш нема да ја постигнат својата цел во неговата земја.
Турската армија редовно ги напаѓа борците на ПКК и нивните позиции во северен Ирак. ПКК се бори против турската држава од 1984 година и е класифицирана како терористичка организација од Анкара и од страна на западните сојузници. Во конфликтот веќе се убиени десетици илјади луѓе.
Подготвено од А.Ѓ.