18.10.2023 Скопје
Иницијативата „Тетово сака парк“ со реакција до Општина Тетово на суспензијата на ДУП за УБ.57а, ШИК „Јелак“.
Од „Тетово сака парк“ истакнуваат дека Општината повторно суспендира дел од ДУП за УБ.57а, односно за локацијата ШИК „Јелак“ и почнува постапка за нов, наводно хуман ДУП на истиот опфат, чиј Нацрт е веќе објавен на веб-страната на Општината. Суспендираниот ДУП, како што велат, „е криминален и штетен, па не треба многу за било кој нареден предлог да биде подобар од него“.
„Триумфализмот кој ни го промовира Општината е непотребен. Иако во новопредложениот ДУП има козметички подобрувања, тоа не значи дека тој е навистина добар. Дополнително, суспензијата на претходниот ДУП не спречи градење на опфатот, како што веќе се гледа. Секој кој поминал на крстосницата помеѓу ул. „29 Ноември“ и бул. „Видое Смилевски-Бато“ забележал градежна офанзива“, напишаа на својот Фејсбук профил.
Од „Тетово сака парк“ цврсто стојат на ставот дека појдовната грешка со овој опфат е сторена со Измената на ГУП за посочениот опфат од февруари 2017 кога без никакво образложение се пренаменети индустриски зони во зони за домување.
„Но, Општината не е обврзана да спроведе штетен ГУП преку носење на ДУП-ови врз основа на него. Судбината на еден опфат не е запечатена со носење на ГУП и Општината не мора да носи вакви ДУП-ови. Напротив, може да го смени ГУП-от, и опфатот да го зонира на начин кој навистина ќе донесе можности за хуман развој на жителите, а не на поединци! Општина која служи на своите граѓани токму така би постапила“, потенцираат од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“.
Во реакцијата на својот Фејсбук профил, од граѓанската иницијатива наведоа неколку факти и прашања:
1. Нацртот на новиот ДУП предвидува 94 444 метри квадратни станбена површина. Реалноста е дека на овој опфат ќе има повеќе метри квадратни станбена површина, бидејќи во дадената квадратура не се пресметани еркерни исфрлувања. Најобичната математика вели дека во преку 120 000 метри квадратна површина може да се сместат најмалку 1 500 станови. Во Нацртот стои паушална и неточна ориентациона бројка од 366 домаќинства.
2. Пописот на населението во 2022 година покажа дека во Тетово има 9 747 празни станови. Колку од овие новоизградени најмалку 1 500 ќе останат невселени?
3. Ако навистина се вселат сите, тоа не се нови 1 574 жители како што милуваат да пресметуваат планерите (60 метри површина по жител!) туку на реалната површина (не дадената од 94 444) тоа би биле најмалку 5 000 нови жители. Дали градот може да ја издржи таа концентрација на население таму?
4. Зошто се предвидува огромен трговски центар на булеварот „Маршал Тито“, знаејќи дека тоа дополнително ќе го оптовари, кој и онака е веќе оптоварен поради тоа што е излез кон главниот град, како и поради Градскиот пазар и другите трговски центри („Палма“, „РЕМ“?
5. Општината сега потврдува дека земјиштето е во доминантно државна сопственост, претходно потсетете се дека го негираше тоа.
6. Новиот ДУП ја игнорира државната сопственост, и на државно земјиште предвидува станбени згради, наместо парк.
7. Дали некои од посочените растојанија од фотографиите Општината навистина ги смета за хумани и безбедни при несреќи? Што е со осончувањето, протокот на воздух, приватноста, опасноста од земјотреси и пожари?
8. Сообраќајната инфраструктура не може да опслужи цела нова населба, а и без неа веќе има сериозен проблем. На бул. „В.Смилевски-Бато“ („Индустриска“) денес има две коловозни ленти, замислете колкав би бил протокот кога истите треба да ги користат уште 5 000 луѓе, а поради продавниците на приземјето на сите нови згради, десната лента ќе се користи за паркирање и запирање.
9. Бонус факт: Нацртот на новиот ДУП предвидува станбено-деловна зграда од П+8 ката на земјиште со друга намена во последната Измена на ГУП-от. Чиј интерес е ваквото еклатантно, физичко кршење на планот од повисок ранг (кој секако е штетен и без да се крши!)? Се работи за зграда со предвидени 7 817 метри квадратни бруто, кои поради еркерните исфрлувања, може да станат и до 10 000? Колкав криминал е ова?
Оттаму информираат дека советниците се имаат поделено на едни кои гласале „ЗА“, и други кои останале „ВОЗДРЖАНИ“ по ваквиот Наврт на ДУП. Воедно, се прашуваат дали ниеден советник немал доволно храброст да се одважи и да гласа „ПРОТИВ“ ваквиот Нацрт на ДУП?
Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ потенцира дека граѓаните можат да доставуваат анкетни листови со забелешки и предлози по објавениот Нацрт-план во писмена форма или електронски до веб-страната на Општината во периодот од 20.10.2023 година до 20.11.2023 година. Додека пак, јавната дебата ќе се одржи на 24.10.2023 година во 11:00 часот во просториите на Општина Тетово.
Во прилог е објавена и Одлуката.
Подготвено од А.Ѓ.