25.10.2023 Скопје
Од 2011 до 2016 година, македонското Министерство за внатрешни работи им забрануваше на Ромите да ја напуштат државата под премолчено образложение да не го довеле во опасност безвизниот режим со ЕУ.
Судот во Стразбур денес донесе пресуда во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ и утврди дека на четири лица, граѓани на Република Северна Македонија, припадници на ромската етничка заедница, им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби.
Пред десетина години оваа пракса на враќањето на Ромите од границата поради тоа што патувале кон западните земји ја вознемири македонската јавност, но сепак таа доби свој епилог и во Европскиот суд за човекови права.
Четирите лица се меѓу многуте жртви на незаконската пракса која ја применуваше Министерството за внатрешни работи во периодот од 2011 до 2016 година, во периодот кога со ова Министерство раководеше Гордана Јанкуловска.
Во тој период, на лицата од ромската етничка заедница им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство. Ова забрана за излез на сопствените граѓани беше оправдувана со опасноста наводно да се загубел безбизниот режим со ЕУ, иако тоа беше сериозно нарушување на човековите права.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во соработка со тим од адвокати и со Европскиот центар за правата на Ромите обезбедуваше правна помош на овие лица за водење на постапки пред домашните судови.
Подготвено од М.Д.