09.10.2023 Скопје
Властите задолжени за граничните прашања во Србија и Хрватска ги игнорираат повиците од Босна и Херцеговина за повторно отворање на прашањата за граничните линии меѓу овие три земји и како што стојат работите сега, не треба да се очекува напредок во иднина.
Од Извештајот за работата на Државната комисија за граница на Босна и Херцеговина, може да се заклучи дека децениските проблеми поврзани со граничното прашање сè уште постојат, односно дека во моментов, кога станува збор за граничните линии со Србија и Хрватска ништо не се прави.
„Испративме писмо и до Белград и до Загреб со желба да ги продолжиме разговорите за решавање на граничните прашања, но не добивме никаков одговор ниту од Загреб ниту од Белград. Последните разговори со Хрватска се одржаа таму некаде во 2010 или 2012 година, а исто така е и со Србија“, изјави Жељко Обрадовиќ, член на Државната комисија за граница на Босна и Херцеговина.
Тој вели дека во моментов само со Црна Гора има некои активности поврзани со границата и дека се прават подготовки за обележување на граничната линија.
Кога станува збор за Србија и Хрватска, Обрадовиќ вели дека претходно потпишале протокол со Србија за триграничната точка меѓу Србија, БиХ и Црна Гора и дека се подготвуваат истиот протокол да биде потпишан и меѓу Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
За потсетување, Договорот за државната граница меѓу Босна и Херцеговина и Црна Гора беше потпишан во Виена во август 2015 година, а Претседателството на Босна и Херцеговина го ратификуваше во јануари 2016 година.
„Очекуваме одговори на нашите писма што ги испративме на адресите на Република Србија и на Република Хрватска, а во врска со продолжување на активностите за решавање на граничните прашања“, се вели во извештајот на Државната гранична комисија, кој наскоро треба да биде разгледана од Советот на министри на БиХ.
Кога станува збор за самата граница, проблемите со Хрватска и Србија траат со децении, а што се однесува до соседните земји, БиХ само ја реши границата со Црна Гора. Поточно, проблемот со Србија е во четири точки, и тоа хидроцентралите Зворник и Бајна башта, а спорни се и десетте километри од пругата Белград – Бар што минува низ Босна и Херцеговина и општините Прибој и Рудо.
Последната активност поврзана со решавањето на овој проблем беше тоа што членовите на Државната комисија на БиХ се скараа меѓу себе со оглед на тоа што пред босанската комисија кон Србија во септември минатата година, Протоколот за рамковните критериуми за границата меѓу Босна и Херцеговина и Србија, кој не беше усогласен, беше испратен од членовите на Комисијата од ФБиХ самоиницијативно, без согласност на Комисијата.
Што се однесува до границата со Хрватска, таму ситуацијата е многу посложена, а од вкупно 1.001 километар на границата спорни се две точки и тоа границата кај морето кај Неум и делот од Нови Град до Козарска Дубица, каде државната граница преминува од едната до другата повеќе од 15 пати на другиот брег на реката Уна.
Босна и Херцеговина уште порано склучи договор за границата со Хрватска, но тој никогаш не беше ратификуван, а како што сега стојат работите, никогаш нема да биде.
Уште порано, Државната гранична комисија апелираше до Хрватска да го реши проблемот, но Хрватска не покажа волја за тоа, што не е чудно, со оглед на тоа што од земјите од поранешна Југославија, само Црна Гора и Босна и Херцеговина го решија граничното прашање, додека останатите горе-долу, според неофицијални информации, ќе мора да одат на арбитража.
Подготвено од А.Ѓ.