24.10.2023 Скопје
Денеска, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека Соединетите Американски Држави се „многу задоволни“ бидејќи палестинската исламистичка група Хамас ослободи две Израелки.
„Секако дека сме многу задоволни што ја добивме информацијата дека две заложнички на Хамас, две жени од Израел, се ослободени“, рече Милер.
Израел го потврди ослободувањето на двете жени од заробеништво на Хамас, наведувајќи дека израелската страна не учествувала во процесот.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека помогнал да се олесни ослободувањето на заложниците и го олеснил нивниот транспорт од Газа.
Ослободени се две жени – Нурит Купер (79) и Јахвед Лифшиќ (85).
Американскиот претседател Џо Бајден го повика Хамас да ги ослободи сите заложници што ги држи во Појасот Газа, по притисокот од американските медиуми, Белата куќа во понеделникот ја прифати можноста за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во замена за ослободување на заложниците.
Бајден рече „треба да имаме прекин на огнот“, а потоа се поправи и рече „не прекин на огнот, треба да ги ослободиме тие заложници и потоа можеме да разговараме (за прекин на огнот)“.
Како што војната меѓу Израел и Хамас влегува во третата недела, американската администрација почна да врши притисок врз Израел да го одложи својот копнен упад во Појасот Газа за да може администрацијата во Вашингтон да продолжи да работи на извлекување на американските заложници.
Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, во понеделникот ги отфрли повиците за прекин на огнот меѓу Израел и Газа, велејќи дека Хамас мора прво да ги ослободи заложниците.
„Мислев дека пораката до Хамас е прилично јасна – ослободете ги сите заложници, тоа треба да се случи и тоа треба да биде првиот чекор“, рече Кирби.
Подготвено од Д.Ц.