13.10.2023 Скопје

Директорката на поранешниот „Твитер“, Линда Јакарино, изјави дека од почетокот на нападот на милитантите на Хамас врз Израел, неколку стотици профили поврзани со таа исламистичка организација се отстранети од социјалната платформа „Х“ или нивните објави се означени.

Таа одговори на предупредувањето испратено од европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, кој побара информации за тоа како „Х“ се усогласува со новите, построги европски регулативи.

„Платформата адекватно и ефикасно проценува и идентификува лажна и манипулирана содржина што постојано се појавува“, изјави таа како одговор на барањето на Бретон.

Европската комисија вчера го прошири предупредувањето дека технолошките компании мора да ги отстранат коментарите во корист на исламистичката организација Хамас од нивните платформи или ќе се соочат со правни последици.

„Ширењето на содржина на Интернет што може да се поврзе со Хамас е оквалификувано како терористичко и нелегално и мора да се отстрани во согласност со Законот за дигитални услуги /DSA/ и Регулативата за терористичка содржина на Интернет /TCO/“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Во соопштението се наведува и дека Европската комисија целосно ќе ја имплементира DSA и ќе го следи спроведувањето на TCO, поради што бара од технолошките компании целосно да ги почитуваат регулативите на ЕУ.

Еден ден претходно, Бретон побара од милијардерот Илон Маск да го намали ширењето на дезинформации на медиумската платформа „Х“ и да преземе контрамерки кои се во согласност со регулативите на ЕУ.

Слично предупредување Бретон испратил и до директорот на Мета, Марк Цукерберг, од кого побарал неговата компанија да обезбеди строго почитување на европските регулативи.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *