изложба софија

10.10.2023 Скопје

Во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Република Бугарија, вчера беше отворена изложбата „105 години Требениште“ во присуство на функционери и претставници од институциите на трите држави: Северна Македонија, Бугарија и Србија, кои се обединија за реализацијата на овој ексклузивен проект.

Изложбата е резултат на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија – Скопје и Заводот и музеј – Охрид.

„На 100-годишнината во Скопје, сега во Софија, а во 2025 година во Белград. Оваа величествена изложба, која со гордост беше поставена и претставена во Археолошкиот музеј во Скопје, побуди огромен интерес кај македонските граѓани. Верувам дека златните маски од Требениште и стотиците вредни артефакти од овој исклучително атрактивен археолошки локалитет ќе ја пробудат љубопитноста и на бугарската јавност“, рече заменик-министерот за култура, Даим Лучи, на отворањето на изложбата.

Тој рече дека генерации археолози трагаа и трагаат по приказната од уникатниот локалитет и додаде: „Благодарејќи на искрените намери и на огромниот труд на експерти од повеќе области од трите држави, пронајденото повторно се спојува во својата целина. Преку културата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство се поврзуваат земјите од Западен Балкан врз темелите на европските вредности“.

Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, Славица Бабамова, истакна дека изложбата е резултат на макотрпната и посветена заедничка работа на експертите и професионалците од музеите на трите држави, и дека на задоволство на сите, волшебната археолошка приказна за аристократијата која живеела во Охридскиот Регион во VI и V век пр. н.е. повеќе од едно столетие е предизвик и инспирација за археолозите не само од Балканот туку и пошироко.

„Требениште и неговите раскошни наоди во XXI век добија нова димензија: станаа предизвик за заедничка врвна професионална работа и симбол за заедничка цел за реализација на оваа изложба од страна на музеите во Софија, во Белград и во Скопје. Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави. Во таа смисла, заедничкото промовирање на културното наследство и неговото претставување пред пошироката јавност лежат во суштината на поврзувањето на земјите од Западен Балкан, што воедно е промоција и на заедничките европски вредности кои се прифатени од Северна Македонија, Бугарија и од Србија“, истакна Бабамова.

Во присуство на многу гости, амбасадори, политичари, музејски работници од трите држави на отворањето на изложбата во Националниот археолошки институт со музеј при БАН, во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка на земјите од регионот, говореа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, директорите на музеите од Софија, Христо Попов, и од Белград, Бојана Борич-Брешковиќ, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, и државниот секретар во Министерството за култура на Србија, Миодраг Ивановиќ.

Меѓу археолошките предмети кои потекнуваат од Требениште, најпознати се погребните златни маски, но во рамките на изложбата можат да се видат и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, оружје, шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија која го населувала денешното село Требениште.

Со оглед на тоа што овој проект ја содржи суштината на поврзувањето на земјите од Западен Балкан преку културата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство како темелна европска вредност, изложбата посветена на требенишката некропола ќе го продолжи своето патешествие низ најзначајните европски и светски музеи, кои искажуваат огромен интерес уште од започнувањето на проектот.

Подготвено од Д.Ц.

About Author