19.10.2023 Скопје
Словенечката влада денеска ќе одлучува за воведување контроли на границите со Хрватска и Унгарија, за што министерот веќе ги известил хрватските и унгарските колеги.
За ова Министерството за внатрешни работи подготвува известување до Европската комисија, согласно шенгенските правила.
„Станува збор за предлог за привремена мерка поради зголеменото ниво на проценка на терористичка закана во земјите на ЕУ“, изјави словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар.
Тој посочи дека ќе се обиде да им го направи животот што помалку комплициран за луѓето кои секојдневно ја минуваат границата.
Словенечкиот експерт за безбедност Боштјан Перне смета дека нема страв за Словенците, кои со задоволство одат во Хрватска за време на викендите.
Кога Словенија ќе воведе внатрешна контрола на границата со Хрватска и Унгарија, а Италија на италијанско-словенечката граница, барем за одредено време ќе биде невозможно слободно да се мине границата со сите четири соседни земји на Словенија.
„Шенген зоната беше една од главните идеи на европското единство и беше воспоставена за да можеме слободно да ги преминеме границите без да знаеме дека преминуваме од една во друга земја. Да дадеме чувство дека сме едно. Но, тоа веќе не е случај. Шенгенот не успеа како идеја. Можеби нема да чувствуваме некои гранични премини како порано, но ова веќе не е слободен граничен премин. Ова повеќе го нема“, изјави Боштјан Перне.
Министерството за внатрешни работи на Хрватска вчера не сакаше да го коментира најавеното распоредување полиција на границите на Италија и Хрватска. „Го следиме развојот на состојбите и во зависност од потребите го прилагодуваме полицискиот систем“, велат од МВР.
Поради миграцискиот притисок, но и поради ситуацијата на Блискиот Исток, неколку земји воведоа или одлучија да ги продолжат контролите на внатрешните граници на Шенген.
Италија претходно ја извести Словенија дека поради променетата ситуација во Европа и Блискиот Исток воведува гранични контроли.
Австрија, која воведе контроли на границата со Словенија и Унгарија во 2015 година во екот на бегалската криза, во понеделникот ја извести Европската комисија за новото продолжување на таа контрола, од 12 ноември годинава до 11 мај следната година.
Нови привремени контроли на внатрешните граници на Шенген зоната земјите можат да воведат само во случај на сериозна закана за јавниот ред или внатрешна безбедност, за што мора да го известат Брисел.
Подготвено од А.Ѓ.