24.10.2023 Скопје
Владејачката коалиција во Словенија денеска го осуди повикот на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша луѓето да се вооружат, по пропалестинскиот митинг што се одржа во четвртокот во Љубљана.
Лидерите на партиите од владејачката коалиција го нарекоа неговиот повик „целосно неодговорен“.
Тие во заедничкото соопштение велат дека и поканата на поранешниот премиер, лидер на опозициската Словенечка демократска партија (СДС) е во спротивност со напорите на меѓународната заедница.
Јанша претходно на платформата Х (Твитер), по пропалестинскиот митинг напиша: „Работите стануваат сериозни. Вооружете се, легално“.
Лидерите на владејачката коалиција порачаа дека Словенија е демократска земја заснована на владеење на правото со силни институции во служба на редот и безбедноста.
„Безбедноста на луѓето е на прво место, затоа, владата е активна во следењето на ситуацијата и преземањето на сите неопходни мерки. Го осудуваме ширењето на паника, омраза и популизам и го отфрламе повикот за оружје. Ваквите повици се спротивни на модерната и демократска Словенија и не се во духот на Европа заснована на солидарност“, велат од коалицијата.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар исто така го осуди повикот на Јанша за оружје, велејќи дека таквите изјави треба да се третираат многу сериозно.
Подготвено од Д.Ц.