26.10.2023 Скопје
Роберт Фицо, новиот премиер на Словачка, по полагањето заклетва вети дека неговата влада ќе води суверена надворешна политика, велејќи дека нема да бега од какви било предизвици. Тој рече дека „суверениот глас на Словачка“ ќе се слушне од владата и министрите.
„Би сакал по завршувањето на мандатот на оваа влада сите да можат да ги кажат не само бројките, туку и фактот дека животот во Словачка е подобар и дека Словачка е помирна. Ова го ветувам пред целата словачка јавност“, изјави Фицо.
Тој нагласи дека словачката влада никогаш во модерната историја не се соочила со толку лоши социо-економски показатели, сиромаштија и руинирани финансии.
Фицо рече дека Словачка повеќе нема да испраќа воена помош за Украина.
На средбата со словачките пратеници во Братислава, тој рече дека официјалната политика на неговиот кабинет ќе биде Словачка да поддржува хуманитарна и цивилна помош за Украина.
„Ја поддржуваме хуманитарната и цивилната помош за Украина – тоа ќе биде официјалната политика на мојот кабинет. Нема да испраќаме никакво оружје во Украина“, рече Фицо.
Тој ја обвини претходната влада дека игнорирала многу проблеми и вети дека неговата влада ќе дејствува конструктивно.
Фицо положи заклетва пред претседателката Зузана Чапутова.
Неговата Централна Левичарска партија победи на парламентарните избори во септември.
Подготвено од А.Ѓ.