https://www.freepik.com/free-photo/overheating-planet-earth-global-warming-campaign-mixed-media_15665716.htm#query=climate%20changes&position=35&from_view=search&track=sph

12.10.2023 Скопје

Студијата на американските научници објавена пред неколку дена во Зборникот на Националната академија на науките (ПНАС) покажува дека ако глобалната температура се зголеми за еден или повеќе степени Целзиусови над сегашните нивоа, секоја година милијарди луѓе ќе бидат изложени на таква екстремна топлина и влажност што нема да можат природно да се оладат.

Познато е дека човечките тела краткорочно реагираат на екстремно високи температури, а некои од симптомите се вртоглавица, гадење, главоболка, обилно потење, замор, грчеви во мускулите, збунетост, забрзано дишење.

Сепак, не е важна само температурата, туку и влажноста на воздухот, која се изразува со параметар што го нарекуваме температура на „влажен термометар“.

Нашироко се верува дека температурата на влажниот термометар од 35 степени Целзиусови при стопроцентна влажност е максимумот што здрав човек може да го издржи најмногу шест часа.

Температурата од 35 степени на влажниот термометар е достигната десет пати низ светот, главно во Југоисточна Азија и Блискиот Исток.

Но, студијата објавена минатата година од научниците од Државниот универзитет во Пенсилванија ја ограничува температурата на влажниот термометар за млади и здрави луѓе на околу 31 Целзиусов степен и 100 проценти влажност.

Секако, покрај температурата и влажноста, прагот на издржливост во одреден момент се разликува од личност до личност, а зависи и од факторите на околината, вклучувајќи ја брзината на ветерот и сончевото зрачење.

Резултатите од студијата во ПНАС покажуваат дека ако глобалните температури се зголемат за два степени Целзиусови во споредба со прединдустриското време, 2,2 милијарди луѓе во Пакистан и Индија, една милијарда луѓе кои живеат во источна Кина и 800 милиони луѓе во под- Сахарска Африка ќе доживува многу повеќе годишни часови на топлина и влажност кои го надминуваат нивото на човечка толеранција.

Загрижувачки е тоа што овие региони се населени со луѓе со пониски до средни приходи, така што многу од засегнатите можеби немаат пристап до клима уред или какви било ефективни средства за ублажување на негативните здравствени ефекти од топлината.

Ако планетарното затоплување продолжи над три степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, нивоата на топлина и влажност над човечката толеранција ќе почнат да влијаат на источниот брег и централниот дел на САД. На тоа ниво на затоплување, Јужна Америка и Австралија исто така би доживеале екстремни нивоа на топлина и влажност.

„Моделите како овие се добри во предвидувањето на трендовите, но тие не предвидуваат конкретни настани како топлотниот бран во Орегон во 2021 година, кој уби повеќе од 700 луѓе или температурите во Лондон кои достигнаа 40 степени Целзиусови минатото лето“, изјави Даниел Вечелио, биоклиматолог на Државниот универзитет во Пенсилванија и главен автор на студијата во ПНАС.

Анализата покажа дека до 2030 година четири милијарди луѓе, а до 2050 година повеќе од пет милијарди луѓе, ќе бидат изложени на најмалку еден месец екстремна топлина која е опасна по нивното здравје.

Ова е огромно зголемување во споредба со преминот од 20 во 21 век, кога две милијарди луѓе беа изложени на екстремна топлина.

Во анализата е земена температурата на „влажниот термометар“ од 32 степени Целзиусови како опасна граница.

Анализата покажува дека до 2050 година Осиек би можел да има шест вакви опасни денови на висока температура и влажност, Загреб четири, Риека два и Сплит еден. Најопасни денови поради „влажната топлина“ ќе бидат во Лагос, Нигерија, дури 181 и во Делхи, Индија, 153.

Нашата планета сега е на пат да се загрее за околу 2,7 степени Целзиусови до крајот на овој век, што далеку ги надминува целите поставени со Парискиот климатски договор.

Да потсетиме, тој важен документ, усвоен во Париз во декември 2015 година, предвидува преземање на сите достапни мерки за да се задржи затоплувањето под два Целзиусови степени до крајот на овој век, со цел зголемувањето да не надминува 1,5 степени (во споредба со пред индустриски период), кој би овозможил опстанок на малите островски држави како Фиџи, Малдиви, Маршалските Острови и други. Колку е тешко сега да се постигне таа цел најдобро покажува фактот дека светот веќе се загреал за 1,2 степени Целзиусови, па глобално зголемување на температурата за 1,5 Целзиусови степени би можело да се случи за десет години.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author