02.10.2023 Скопје
Согласно методологијата за раст на пензиите, денеска започна исплатата на септемвриските пензии кои се повисоки за 5,3 проценти.
Проекцијата на Министерството за труд и социјална политика за месец септември беше покачување од најмалку 6 проценти.
На 14 август, на средба со претставници на пензионерите за време на големиот протест на кој дојдоа и пензионери од цела Македонија, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, меѓу другото рече: „Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во март 2023година – 8.4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав“.
Пензионерите бараат најмалку за 3.500 денари линеарно покачување на сите пензии, а најниската пензија да биде во износ од најмалку 18.000 денари. Во спротивно, како што беше порачано и од протестот на 20 септември, ќе се побараат оставки од министерката и од премиерот.
Подготвено од А.Ѓ.