10.10.2023 Скопје
Португалскиот фудбалер на Ал Наср, Кристијано Роналдо сака да го продолжи договорот со клубот од Саудиска Арабија до јуни 2027 година.
Кон крајот на минатата година, по неславниот крај на втората епизода во Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо потпиша договор со Ал Наср до јуни 2025 година.
“Роналдо им кажа на челниците на клубот дека сака да остане. Планира да игра на Светското првенство во 2026 година како играч на Ал Наср. Планира да ја заврши кариерата по Светското првенство”, изјави извор близок до Португалецот.
Португалецот наводно на раководството на клубот му рекол дека е среќен во Ал Наср и задоволен од животот, како и дека планира долгорочен престој во Саудиска Арабија.
Роналдо ќе ја предводи селекцијата на Португалија во натпреварите против Словачка и Босна и Херцеговина во квалификациите за ЕП 2024 година.
Потсетуваме, португалскиот фудбалер во Ал Наср заработува околу 200 милиони долари годишно. На 36 натпревари за клубот од Саудиска Арабија постигна 31 гол во сите натпреварувања.
Подготвено од А.Ѓ.